Иран е отворен за соработка со САД, но нема да се откаже од контролата врз своите нафтени и минерални ресурси

Актуелните нуклеарни преговори отвораат можност за соработка меѓу Техеран и Вашингтон во секторот за нафта и гас, изјави иранскиот министер за нафта Мохсен Пакнеџад, пренесе иранската агенција Мехр . „Сè е можно“, рече Пакнеџад кога беше запрашан какви се шансите за иранско-американска соработка во секторот за нафта и гас во контекст на нуклеарните преговори, објави иранската агенција. Меѓутоа, засега не е јасно дали оваа соработка ќе се реализира, додаде министерот. Заедничките интереси во нафтата и гасот, инвестициите во минералниот сектор, па дури и купувањето авиони се дел од преговорите со САД, изјави Хамид Ганбари, претставник за економска дипломатија на иранското Министерство за надворешни работи, уште кон средината на февруари, според извештајот на Мехр. Неименуван висок ирански функционер вчера изјави дека, како дел од преговорите, Иран им понудил на американските компании да учествуваат во големи ирански проекти за нафта и гас. „На САД им се понудени можности за сериозни инвестиции и опипливи економски интереси во иранската нафтена индустрија како дел од економскиот пакет што се преговара“, ги пренесуваат британските медиуми зборовите на функционерот. Техеран нема да се откаже од контролата врз своите нафтени и минерални ресурси, нагласи функционерот. „САД на крајот можат да бидат (само) економски партнер на Иран, ништо повеќе. Американските компании секогаш можат да учествуваат во работењето на иранските нафтени и гасни полиња во улога на подизведувачи“, изјави тој. Вториот круг индиректни нуклеарни преговори меѓу Иран и САД се одржа во Женева на 17 февруари. Коментирајќи го состанокот, шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, изјави дека преговорите се воделе во сериозна атмосфера и дека биле поконструктивни отколку во првиот круг, објави Мехр. Третиот круг преговори е закажан за четврток во Женева, објави во неделата министерот за надворешни работи на Оман, Бадр Албусаиди.  (МИА)