Националниот координатор за Конвенцијата од 2003 година на УНЕСКО, Ивона Опетчевска - Татарчевска присуствуваше на Годишното собрание на Здружението „Копачка“ по повод подготовката на новиот шестгодишен извештај за УНЕСКО. -Иако со Копачката соработуваме повеќе од 15 години, нашата заедничка работа на номинацијата за нејзино впишување во УНЕСКО започна во 2011 година. Поводот за моето присуство на годишното собрание е токму подготовката на новиот извештај, кој е обврска, но и чест за мене како национален координатор - изјави Опетчевска Татарчевска. Таа појасни дека од 2013 година извештаите повеќе не ги подготвуваат државите, туку национални координатори – експерти со долгогодишно искуство. Извештаите се оценуваат според 26 индикатори, со кои се вреднува не само работата на здружението, туку и поддршката што државата ја обезбедува, со цел традицијата да остане на листата на УНЕСКО. Претседателката на Здружението „Копачка“, Перса Стојановска додаде дека заедно со Националниот координатор континуирано работат на зачувување и унапредување на традицијата, како преку редовни активности, така и преку проектни апликации на национално и меѓународно ниво. -Разговарајќи околу можностите како најприсно да се сретнеме и со членовите на фолклорната група ‘Копачка’, ја информирав дека денес треба да одржиме годишно собрание со цел да ја разгледаме завршната сметка и да поднесеме извештај за работењето за 2025 година, како и да усвоиме годишната програма за 2026 година. Тоа беше погоден момент за да се вклопи во нашата програма. Мене ми е чест и задоволство што таа ни е многу драг гостин и ќе го проследи годишното собрание и донесувањето на одлуките што ги спомнав - изјави Стојановска. Таа додаде дека здружението и годинава преку Министерството за култура редовно ќе го реализира проектот „Копачка 2026“. -За друг проект е поднесен приговор, а дополнително ќе аплицираме и за меѓународна поддршка. Во тек е и процедурата во Општина Делчево, каде сè уште не се објавени резултатите. Таму аплициравме со потпрограма која предвидува цели за откуп на народни носии - додаде Стојановска. Централна активност на здружението годинава е одбележувањето на пет години од смртта на народниот уметник Димитар Узунски. (МИА)