По убиството на нарко-босот „Ел Менчо“ во насилството убиени најмалку 74 лица

Најмалку 74 лица загинаа во Мексико, вклучувајќи и 25 припадници на Националната гарда, во операцијата во која беше убиен водачот на картелот „Ел Менчо“ и во насилството што следуваше, соопшти синоќа министерот за безбедност Омар Гарсија Харфуч. Владините трупи се обидоа да го уапсат нарко-босот, чие полно име е Немесио Осегуера Сервантес, во западната држава Халиско во неделата. Осегуера бил ранет и починал додека со авион го пренесувале кон Мексико Сити, што предизвика насилна реакција од картелот. Осомничени членови на картелот на Осегуера, „Нова генерација на Халиско“ (ЦЈНГ) палеа автомобили во неколку сојузни држави и блокираа бројни патишта. Тие исто така нападнаа банки, бензински пумпи и продавници. Според владата, ситуацијата вчера била вратена под контрола, пренесе ДПА. - Мексико е мирен. Се разбудивме без блокади на патиштата и сите активности се обновени – изјави мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум. Хаосот предизвика загриженост за способноста на Мексико да биде кодомаќин на претстојното Светско првенство во фудбал, кое треба да почне во јуни. Вкупно 13 натпревари треба да се одиграат во Мексико Сити, Гвадалахара и Монтереј, додека останатите ќе се одржат во САД и Канада. Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека САД „обезбедиле разузнавачка поддршка за мексиканската влада“, опишувајќи го водачот на картелот како „главна цел на мексиканската и американската влада, како еден од најголемите шверцери на фентанил во нашата татковина“. Шејнбаум нагласи дека во операцијата учествувале само мексикански сили. - Немаше учество на американските сили во операцијата. Она што го имаме е голема размена на информации обезбедени од владата на САД, но целата операција, од нејзината фаза на планирање, е одговорност на мексиканските федерални сили, рече претседателката. Мексиканското министерство за одбрана соопшти дека осум членови на бандата биле убиени во Тапалпа, Халиско, за време на воената операција. Дополнително, безбедносните сили заплениле оклопни возила и оружје, вклучувајќи и ракетен фрлач кој може да собори хеликоптери или авиони. Според извештаите на мексиканските медиуми, околу 20 од 32-те мексикански држави биле погодени од насилство по смртта на нарко-босот, вклучувајќи ги Халиско, Мичоакан, Агваскалиентес, Тамаулипас и Гванахуато. Неколку странски амбасади, вклучувајќи го и германското претставништво во Мексико Сити, апелираа до своите граѓани да бидат внимателни поради немирите. „Ел Менчо“, поранешен полицаец, го предводеше картелот ЦЈНГ од неговото основање во 2011 година. Во мексиканското подземје беше познат како „Господар на петлите“ поради неговата страст кон борбите со петли. Криминалниот синдикат што го предводеше Осегуера е транснационална организација со врски дури до Кина и Австралија. Покрај трговијата со фентанил, картелот е вклучен и во изнуда, шверцување мигранти, кражба на нафта и минерали, како и трговија со оружје.