По одлуката на судот поранешниот прв вицепремиер Артан Груби да биде ставен во 30-дневен куќен притвор со 24-часовен надзор, по неговото приведување на граничниот премин Блаце по повеќе од една година бегство, со реакција во јавноста се огласи Јане Ченто. Тој преку социјалните мрежи направи споредба со сопствениот случај, тврдејќи дека бил неправедно вратен во притвор и дека правдата во државата не се применува еднакво за сите. „Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор. Мене ми наместија предмет дека сум го прекршил куќниот притвор и ме вратија во Шутка по само 20 дена дома. Со камери во мојот дом докажав дека сум бил дома. Докази имаше. Снимки имаше. Од МВР тврдеа спротивно – и никому ништо, помина нивното. Сѐ беше џабе. 5 и кусур години ме влечеа по судови за нешто што знаеа дека не постои. На крај – правосилна пресуда во моја корист. Вистината исплива. Но изгубеното време, притисоците, понижувањето, кој ќе ги врати? Кога ќе ги гледам денешните правосудни „аршини“, не можам да премолчам. Правдата во оваа држава очигледно не е иста за сите. Може да нѐ наречете како сакате неколку од нас што не губиме надеж за тоа дека еден ден ќе дојде правда, но тоа е, ние ќе се надеваме. И да, ми се гади од лицемерието. Толку“, напиша Јане Ченто. објави Скопје1.мк