Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вети континуирана поддршка од алијансата за Украина на четвртата годишнина од инвазијата на Русија, која почна на 24 февруари 2022 година. - НАТО стоеше покрај Украина од почетокот. Стоиме со вас денес и ќе стоиме со вас низ сите предизвици што претстојат – изјави денеска Руте во седиштето на алијансата во Брисел. - Од императивно значење е Украина да продолжи да ја добива воената, финансиската и хуманитарната помош што ѝ е потребна – рече тој. Руте истакна дека воената помош, вклучително и онаа за противвоздушна одбрана, е „суштинска“, но додаде дека „на Украина ѝ треба повеќе“. - Бидејќи само ветувањето за помош не ја завршува војната. На Украина ѝ треба муниција денес, и секој ден, сè додека не престане крвопролевањето – нагласи тој. Шефот на НАТО, исто така, ги повика сојузниците да се обврзат да обезбедат мир во Украина откако ќе престанат борбите, пренесе ДПА. - Кога борбите конечно ќе престанат, мирот мора да се одржи. Со силни украински сили подготвени да одвратат и да се одбранат, и со ефикасни безбедносни гаранции од партнерите на Украина: Европа, Канада и Соединетите Американски Држави – рече тој. - Украинскиот народ заслужува праведен и траен мир. Нивната безбедност е наша безбедност. Не може да има вистински мир во Европа без вистински мир во Украина – заклучи генералниот секретар на НАТО.