Овој петок и сабота, на 27 и 28 февруари, на вториот кат во Skopje City Mall ќе се одржи третото издание на најважниот образовен настан - Саемот за образование и кариера. Настанот е во организација на Студентарија - најголемата студентска и младинска информативна платформа и трговскиот центар Скопје Сити Мол. Саемот во изминатите години се наметна како централен национален настан кој ги поврзува младите со образовните институции и компаниите, нудејќи им можност на едно место да ги истражат своите академски и професионални перспективи. Настанот е наменет, пред сè, за средношколците-матуранти кои се во процес на носење одлука каде да го продолжат своето образование, но и за студенти кои размислуваат за продолжување на студиите, специјализација, преквалификација или се во потрага по пракса и можности за вработување. Главната цел на Саемот е младите да донесат информирана одлука за својата иднина, но и да се промовираат можностите што ги нуди домашното високо образование и кариерниот развој во земјата. Оваа година учеството го потврдија 12 универзитети со над 100 факултети од Македонија, академии за дигитални вештини и современи професии, како и бројни компании кои ќе понудат информации за пракса, работа и професионален напредок. Дел од Саемот за образование и кариера оваа година ќе бидат: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип, Универзитет во Тетово - Факултет за применети науки, Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола, Универзитет Американ Колеџ Скопје, Американски Универзитет на Европа - АУЕ-ФОН, Интернационален универзитет ЕУРОПА ПРИМА, Меѓународен Балкански Универзитет, Универзитет Скопје, Бизнис Академија Смилевски, Меѓународен Славјански Универзитет, Хајделберг Факултет во Скопје, Avenga Academy и Inspire Academy. Посетителите ќе имаат можност директно да разговараат со претставници на факултетите, да се информираат за студиските програми, уписните рокови, стипендиите и студентскиот живот, но и да присуствуваат на панел-дискусии и работилници поврзани со кариерно советување и развој на вештини потребни на современиот пазар на труд. Дел од програмата ќе биде и Родителското катче, наменето за родителите и старателите, со цел и тие да добијат релевантни информации и насоки како да ги поддржат младите во оваа важна животна фаза. Саемот за образование и кариера 2026 се реализира со поддршка од Шпаркасе Банка, Пивара Скопје и Wolt. Настанот ќе биде отворен за посетители од 11:00 до 16:00 часот, двата дена. Влезот е бесплатен за сите заинтересирани.