Три совети како правилно да подготвите леќа Филип Здравески 24.02.2026 / 15:15 Рецепти Откријте 3 совети за подготовка на леќа што ќе ви помогнат секој пат да создадете совршено јадење од оваа мешункаста култура. Леќата е една од највредните мешунки што често ги занемаруваме, иако претставува вистинско нутритивно богатство. Богата е со протеини, влакна, железо, фолна киселина и витамини од групата Б, а 100 грама варена леќа содржи околу 9 грама протеини и нешто повеќе од 100 калории. Затоа е одличен избор за секој што сака лесен, но хранлив оброк, но и за оние што бараат квалитетна замена за месо. Сепак, за да го извлечете максимумот од леќата, и во однос на вкусот и хранливата вредност, важно е да знаете како правилно да ја готвите. Златно правило: Сооднос вода-леќа 2:1 Основното правило при готвење леќа е точниот сооднос на зрната и водата - еден спрема два. Ова значи дека за една чаша леќа, потребни се две чаши вода. Ако додадете премалку вода, леќата нема да се свари рамномерно. Ако прелиете премногу, ќе добиете кашеста маса слична на пире. Овој сооднос важи за сите видови, со забелешка дека времето на готвење зависи од видот на леќата. Дали треба да се натопи леќата? За разлика од гравот, леќата е помала и омекнува побрзо, па затоа обично не е потребно потопување. Непотопената леќа се готви помеѓу 15 и 30 минути, во зависност од видот. Иако често се тврди дека потопувањето ја намалува надуеноста, нема цврсти докази дека некој конкретен метод на потопување или готвење всушност го спречува тоа. Ако сепак сакате да ја потопите, доволно е да ја оставите да отстои во ладна вода 2 до 4 часа. За некои видови со потврда обвивка, се препорачува подолго потопување. Дополнителни совети: Секогаш прво мијте ја леќата и отстранете ги оштетените зрна. Додадете сол кон крајот на готвењето за да остане мека. По желба можете да додадете ловоров лист, рузмарин, целер или магдонос за побогата арома. Ако тешко се вари, можете да додадете мал прстофат сода бикарбона. Како се готват различните видови леќа? Црвена и жолта леќа Овие типови се ронливи и имаат помека структура, па затоа не се потопуваат. Исплакнете ги под ладна вода. Истурете вода во сооднос 2:1. Кога ќе зоврие, намалете ја топлината и гответе 10-15 минути. Важно е да не се преварат, бидејќи лесно се распаѓаат и се претвораат во пире. По готвењето, исцедете го вишокот вода, зачинете со сол и масло, покријте и оставете да отстојат 5–10 минути. Зелена леќа Зелената леќа е поцврста и ја задржува својата форма за време на готвењето. Готвењето трае околу 20-25 минути. Потопувањето не е задолжително, но може малку да го скрати времето за подготовка. Кога ќе омекне, исцедете ја, зачинете ја и оставете ја покриена неколку минути пред сервирање. Кафеава и црна леќа Овие видови имаат подебела мембрана и бараат поголемо внимание. Препорачливо е да се потопи најмалку 6 часа, а идеално е да се остави преку ноќ. Потоа се готват 20-30 минути. Ако по тој период не се доволно меки, продолжете со готвењето додека не ја постигнете саканата текстура. леќа Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On