Прифатено е одложувањето на примената на законот за пушење на отворени тераси од три страни за да им се остави време на сопствениците на локалите да може инфраструктурно да ги приспособат кон барањата на законот. Во однос на електронските цигари, тие ќе бидат забранети за корисетње во затворен простори, а забранети за продажба ќе бидат и сите вкусови што се атрактивни за младите - најави министерот за здравство Азир Алиу одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата. - Процесот за забелешки за тој закон е веќе завршен. Работните групи имаа консултации со стручните лица и со сите „стејкхолдери“ во државата. Исто така, јас и премиерот заедно имавме неколку состаноци и со производители и со потрошувачи, но исто така и со компании, ресторани, кафулиња и така натаму. Дефинитивно, имаше забелешки, кои беа логични и може да бидат прифатени. Но, имаше и такви што не беа прифатени. Прифатено беше одложувањето на примената на законот за тераси - отворени тераси од три страни, кои, за жал, сега се затворени. Им треба време за да може инфраструктурно да се приспособат на законот, појасни министерот во врска со новиот закон за заштита од пушење на населението. Продажбата на електронски цигари со вкус било половично прифатено барање. - Барањето кое половично е прифатено беше продажбата на електронските цигари со вкус. Има вкусови што се директно наменети за младата популација. Целта на законот е заштита на населението со фокус на младите. Како држава сме на врвот во Европа по користење нетрадиционални таканаречени помалку штетни или модерни електронски цигари и ќе бидат забранети сите вкусови што се благи и атрактивни за младите, а според направените анализи и според барањата, ќе дозволиме да се продаваат само електронски цигари со неутрален вкус и со вкус на тутун, истакна министерот. Барањето што не се прифатило било електронските цигари да продолжат да се користат во затворени простории. - Тоа не беше прифатено. Цениме дека тие се исто така штетни колку што се традиционалните цигари и нема да биде прифатено тие да се користат во внатрешни простории, нагласи министерот.