Кошмарно куп четвртфинале за Работнички и Вардар: Второлигашите од Охрид и Арачиново полуфиналисти КУП НА МАКЕДОНИЈА 2025/2026 Филип Здравески 24.02.2026 / 16:12 Фудбал Втора сезона по ред клубот од Арачиново го елиминира Работнички од Купот на Македонија, додека другиот второлигаш, Охрид, на пенали го исфрли големиот фаворит Вардар. Фото: ФК Шкендија 77 Арачиново Нова куп сензација се случи денеска откако второлигашот Шкендија 77 од Арачиново го исфрли Работнички и избори пласман во полуфиналето. На прволигашот од Дебар Маало не му помогна ни тоа што натпреварот се играше на неутрален терен во Куманово, а поради немање на услови за ВАР системот во Синѓелиќ, каде Арачиновци играат како домаќини. Арачиновци поведоа на пет минути пред паузата со евроголот на Дарио Десниќ, кога од дваесетина метри биеше неодбранливо. По паузата, во 58. минута, по интервенција од ВАР собата Пејовиќ доби црвен картон, оставајќи ги „Романтичарите“ со играчки хендикеп. Само две минути подоцна Шкендија 77 го дуплираше водството. Сепак, Работнички се врати во игра во 64. минута со гол од слободен удар на капитенот Бесир Демири. Гостите со играч помалку немаа сили да преземат нова иницијатива, па во 85-тата минута Шкендија 77 постигна и трет гол за конечни 3:1. Потсетувамме, Шкендија 77 и лани го исфрли Работнички од Купот и тоа уште во првото коло кога како третолигаш го совлада со 2:0. Во вториот натпревар Вардар беше голем фаворит против лидерот во втората лига, тимот на Охрид Лихнидос, но по 90 минути игра не успеа да го совлада. Вардарци поведоа преку Николов по точно еден час игра, а во судиското надополнување израмни резервистот Матески, кој за прославата доби втор жолт картон и не ги дочека пеналите. Рулетот почна со одбани на двата голмана. Во продолжението поуспешни, или посреќни, беа изведувачите на Охрид, а решавачки беше пеналот на младиот Димитар Данев чиј удар го прочита голманот Дамјан Серафимов. Утре се игра натпреварот меѓу Детонит Плачковица и Силекс, додека дури за 18 март е закажан последниот четвртфинален меч меѓу Струга и Шкендија, а поради настапот на тетовци во Конференциската лига. Стадион „Башкими“ во Куманово Шкендија 77 - Работнички 3:1 (1:0) Стрелци: 40' Дарио Десниќ, 60' Амир Нухија, 85' Зани Назифи - 64' Бесир Демири Црвен картон: 58' Никола Пејовиќ (Р) Главен судија: Александар Грујоски (Кичево) Тренинг-центар „Петар Милошевски“ - терен 2 во Ново Лисиче, Скопје Вардар - Охрид Лихнидос 1:1 (0:0); 2:4 пен. Стрелци: 60' Бобан Николов - 90'+1 Давид Матески Црвен картон: 90'+1 Давид Матески (ОЛ) Главен судија: Димитар Пилешков (Штип) Куп на Македонија ФК Работнички ФК Шкендија 77 ФК Вардар ФК Охрид Автор/Извор Филип Здравески Прикажи во метро On