Алушовски: Шансата за добар резултат е во нашата одбрана

Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер е пред нов предизвик во Лигата на шампионите. Битолчани утре гостуваат во Данска кај вицепрвакот ГОГ. На првиот дуел во Битола кон крајот на септември минатата година Еурофарм Пелистер загуби со 28:31. -Го анализираме ГОГ Гудме. Треба добро да се подготвиме. За играта „шест на шест“ ќе се подготвиме, но главен проблем ќе биде таа игра „седум на шест“. Ставаме акцент на тој сегмент, а ќе промениме и некои детали во нападот. Загубивме тука во Битола од нив, но тоа не значи дека ќе биде исто и во реваншот. Нивен најголем адут е играта „седум на шест“ и играат добро со двата пивотмени. Но, не ја гледаме шансата да го добиеме натпреварот преку играта во напад, туку благодарение на одбраната. Секогаш наша основна цел е играта во одбрана. Ако ја сопреме нивната игра „седум на шест“, имаме шанси да се вратиме со позитивен резултат, изјави тренерот на Е.Пелистер, Стевче Алушовски. Натпреварот се игра утре (среда) со почеток во 18:45 часот и ова е еден од дуелите од 12.коло во Лигата на шампионите. (МИА)