Ракометарите на Вардар ја постигнаа првата победа од главната фаза во Лига Европа откако вечерва го совладаа германскиот тим Мелсунген со 37:33. Со оваа победа Вардар се израмни бодовно со Бенфика во групата 3. Гостите од Германија по 3:3 направија серија од 7-1 за водство од 10:4. Во тој период избраниците на Иван Чупиќ правеа многу технички грешки, но сепак во завршницата на првиот дел го намалија водството на ривалот за 18:19 на полувреме. На стартот од вториот дел Вардар дојде до минимална предност, а по 26:26 „црвено-црните“ имаа серија од 5-1 за водство од 31:27 што беше најава за победата. Јака Малус кај Вардар со 10 голови беше најефикасен, додека на дуелот најпрецизен беше Рејнир Стефансон со 12 гола. Одличен на голот на Вардар беше Милош Валах со 14 одбрани, од кои неколку во клучните моменти кога се „кршеше“ резултатот. На вториот дуел од групата Кристијанстад – Бенфика 34:38. Мелсунген и после поразот остана на првото место со 6 бодови, Вардар и Бенфика имаат по 4, а Кристијанстад 2. Во следното коло Вардар на 3.март ја пречекува Бенфика. (МИА)