Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска ги обвини европските лидери, предводени од Урсула фон дер Лајен, дека вчера се договориле со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за продолжување на војната. „Ова се лоши вести за Европа. Се продолжува војна за која очигледно нема решение на фронтот, но која подразбира страшни разурнувања. Околу 35.000 луѓе умираат или остануваат осакатени секој месец, додека линиите на фронтот едвај се поместуваат, оставајќи стотици илјади вдовици, сирачиња и мајки кои ги оплакуваат своите синови. Тоа е она што Брисел го поддржува“, се наведува во објава на Орбан на Фејсбук. Орбан констатираше дека се „горат“ стотици милијарди евра „за ништо“ и додаде дека војната во Украина не ја осакатува Русија, туку Европа. Тој исто така предупреди дека конфликтот создава ризик од нуклеарен судир и соочување на Европа со нуклеарна сила. „Би нè вовлекле и нас во тоа ако им дозволиме“, нагласи Орбан и го обвини лидерот на унгарската опозициска партија „Тиса“, Петер Маѓар, дека минатата недела во Минхен потпишал таен пакт со бриселските лидери со германска помош. „Тој би ја одвоил Унгарија од евтината нафта и гас. ’Тиса‘ во енергетската војна застана на страната на Украина, а не на Унгарците. Унгарија мора да остане надвор од ова. Унгарската влада мора да ја зачува безбедноста на Унгарија. Ние тоа ќе го постигнеме“, наведе Орбан и додаде дека договорот на лидерот на „Тиса“ се држел во тајност за Унгарците да не ја дознаат вистината пред изборите.