Момчето Хуго Пауел е првото дете во Велика Британија родено од матка трансплантирана од починат донор. Неговата мајка, Грејс Бел, го доби органот во 2024 година. Хуго е роден со царски рез во Лондон, а неговото доаѓање е опишано како „чудо“, пишува Скај њуз. Тој е роден во декември во болницата „Кралица Шарлот и Челзи“ во Лондон и тежел 3,1 килограми. Неговото раѓање е медицински преседан во Велика Британија, а досега се регистрирани само два слични случаи во Европа. Мајката на Хуго, менаџерката на ИТ програмата Грејс Бел, е родена со редок синдром Мајер-Рокитански-Кастер-Хаузер (MRKH), што значи дека немала развиена матка. -Ова е едноставно чудо. Никогаш, ама баш никогаш не помислив дека нешто вакво е можно, рече таа. Нејзиниот партнер и татко на Хуго, Стив Пауел, кој работи во финансискиот сектор, се присети на моментот на раѓањето. „Бев преплавена од емоции. Сакав да плачам, но не можев“, рече тој, а Грејс додаде: „Тој момент ми изгледаше нереален, бидејќи поминавме долг пат.“ -Кога ќе се вратам таму каде што почнавме, од првиот пат кога се сретнавме, до денес, со Хуго во раце, тоа е чудо по сè низ што поминавме, заклучи Стив. Најголемиот дар Грејс Бел секој ден размислува за жената чија матка ја носи. Низ солзи, таа се сеќава на моментот кога дознала дека е бремена и рекла дека се надева дека семејството на донорот „ќе најде мир во сознанието дека нивната ќерка му го дала на некого најголемиот подарок, дарот на животот.“ „Нема доволно зборови да им се заблагодарам на мојата донорка и нејзиното семејство. Нивната љубезност и несебичност се причината зошто успеав да го остварам мојот животен сон да станам мајка“, рече таа. „Се надевам дека знаат дека моето дете секогаш ќе знае за нивниот неверојатен дар и чудото што го донесе на свет.“ Родителите на починатиот жена која е донор се огласија, велат ова за нив е утеха. -Загубата на нашата ќерка го сруши нашиот свет на начин што е тешко да се опише со зборови. И сепак, дури и во оваа незамислива болка, најдовме мала утеха во сознанието дека нејзиниот последен чин, нејзината одлука, беше чин на чиста великодушност, рекоа тие во соопштението. Покрај матката, беа донирани уште пет органи од нивната ќерка, што спаси четири животи. Долг пат до родителството Грејс дознала за својата дијагноза како тинејџерка. Се сеќава како „отишла во болничката бања и неконтролирано плачела“. Кога го запознала Стив, веднаш му кажала за својата состојба. Двојката првично размислувала да ги користи услугите на сурогат мајка, но на крајот се приклучила на програмата за трансплантација на матка. Грејс била подложена на седумчасовна операција за трансплантација во 2024 година, а неколку месеци подоцна ја започнала постапката за асистирана репродукција. Двојката ја разгледува и можноста за второ дете, по што трансплантираната матка ќе биде хируршки отстранета, за Грејс да не мора да зема имуносупресивни лекови доживотно. Трансплантација на матка Трансплантациите на матка во Велика Британија се целосно финансирани од добротворната организација Womb Transplant UK и чинат околу 30.000 фунти по лице. Операциите се изведуваат во слободното време на лекарот, за да не влијаат на листите на чекање на јавниот здравствен систем (NHS), а хирурзите и медицинскиот персонал ја извршуваат својата работа на доброволна основа. Дури откако пациентката ќе забремени, NHS ја презема грижата. Донирањето матка од починато лице бара посебна согласност од семејството. Досега, во Велика Британија се извршени пет трансплантации на матка: две од живи и три од починати донори. Се проценува дека во иднина, во оваа земја би можеле да се изведуваат од 20 до 30 вакви процедури годишно. Во знак на благодарност, двојката му дала на својот син две средни имиња: Ричард, по професорот Ричард Смит, клинички директор на Womb Transplant UK, кој присуствувал на породувањето, и Норман, по неговиот прадедо. „Кога го пречекав малиот Хуго и дознав дека ќе го носи името по мене, бев трогнат до солзи. Веднаш се расплакав. Беше многу емотивно“, рече професорот Смит. Хуго е трето бебе родено во Европа од трансплантирана матка.