Нашата цел е јасна, да имаме модерна, стабилна и одржлива енергетика. Но уште појасна е вистината – иднината на енергијата не ја создава машината, туку луѓето - истакна министерката за енергетика, рударство и минерална ресурси, Сања Божиновска, на промотивен настан „Вештина на иднината“ организиран од АД ЕСМ, а се одржа во Битола. Пред вработени на АД ЕСМ, претставници на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, како и претставници на Европска банка за обнова и развој (ЕБОР), министерката Божиновска, нагласи дека програмата „Вештина на иднината“ реализирана со поддршка на ЕБОР и меѓународните партнери, покажа дека модерната енергетика започнува токму тука, со луѓето. -Енергетската трансформација не започнува со технологијата, таа започнува со луѓето. Можеме да градиме капацитети, можеме да инвестираме во инфраструктура, да носиме стратегии, но без знаење и обучени професионалци, трансформацијата ќе остане само еден план на хартија. Програмата „Вештина на иднината“ реализирана со поддршка на ЕБОР и меѓународните партнери, покажа дека модерната енергетика започнува токму тука, со луѓето. Над 600 вработени во АД ЕСМ стекнаа нови знаења и компетенции за да управуваат со промените што доаѓаат, а со тоа институцијата станува посилна, поотпорна и подготвена за предизвиците што следуваат, а државата добива посигурен и постабилен енергетски систем. Вложувањето во знаења е подеднакво важно како и вложувањето во новите енергетски капацитети. Енергетската трансформација е процес што бара постојано надградување, партнерство и доверба. Модернизацијата не се случува сама, таа се учи, се гради и се води - рече Божиновска. На промотивниот настан во Битола, заменик генералниот директор на АД ЕСМ, Реџеп Асани потврди дека со стекнатите вештини, вработените ќе бидат поефикасни во секојдневните процеси, ќе се обезбеди одржлив раст на компанијата и најави нови проекти. -Оваа година почнуваме со реализација на три капитални проекти од зелената Агенда. Ќе градиме три фотонапонски електрани кои ќе го зајакнат производното портфолио на АД ЕСМ и ќе влијаат на зголемување на домашното производстви на електрична енергија од обновлици извори, а веќе е во тек и теренска реализација на втората фаза од ветерниот парк Богданци, истакна Асани. На учесниците во програните за обука им беа доделини сертификати.(МИА)