Амбасадата на Шведска на 27 јануари отвори повик за номинации за меѓународната награда ”Young Courage Award”, односно награда „Младинска храброст“. Станува збор за награда „Младинска храброст“ од 2015 година им се доделува на млади со цел „да се истакнат младите на возраст од 13 до 20 години, кои со мали ресурси направиле голема разлика и покажале морална храброст и посветеност“. Зад иницијативата стои Академијата Раул Валленберг (RWA). Од 2021 година, наградата е меѓународна, потенцираат од Амбасадата на Шведска. Наградата, за шведски и меѓународни добитници, се состои од диплома и патување „по стапките на Раул“ во Стокхолм заедно со другите добитници. Официјалната церемонија на доделување се одржува во Стокхолм во рамките на одбележувањето на Денот на Раул Валленберг на 27 август, во присуство на претставници од шведската влада, граѓанското општество и бизнис-секторот. Номинациите треба да содржат кусо образложение (до 1000 карактери) зошто номинираното лице треба да ја добие наградата, и треба да се испратат на мејлот на амбасадата: ambassaden.skopje@gov.mk најдоцна до 31 март 2026 година. Номинација може да поднесе секој за друго лице или за себеси.