Средба Димовска – Зомер: Планови и приоритети за реформите кои се спроведуваат преку Собраниската служба

Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска оствари средба со амбасадорот на Швајцарската Конфедерација, Кристоф Зомер. Во фокус на разговорот беше досегашна соработка, рефлексии на активности и планови и приоритети на Собранието за реформи. Генералната секретарка се осврна на плановите и приоритетите на Собранието за реформи кои се спроведуваат преку Собраниската служба, со акцент на донесената Стратегија за дигитализација на Собранието 2026 – 2028, усвоениот Акциски план за унапредување на рамноправноста меѓу жените и мажите 2025-2027, Етички кодекс за службата, Е-регистар, преку кој граѓанските организации се пријавуваат со свои податоци и сфери на интерес, овозможувајќи им на работните тела директно да ги поканат на своите седници. Согласно Функционална анализа, преку која се согледаа клучните предизвици од организациски и функционален аспект во секојдневното работење на Собранието, се формираа нови Одделенија за проценка на влијание на регулативата и Одделение за стратешко планирање за навремено подготвување на стратешкиот план на Собранието, планирање на стратешките приоритети и нивна фискална проценка. Димовска го нагласи и успешното работење и достигнувањата на службата во Парламентарниот институт, Собранискиот ТВ канал како и обуките за јакнење на капацитетите на службата и академско надградување, поддржано од Швајцарската конфедерација преку НДИ. Зомер искажа задоволство од досегашната соработка со Собранието и му честиташе на раководството за започнатите тековни процеси, кои ќе се надградат и унапредат со заеднички заложби на вклучените страни. Ја нагласи значајната улога на Собраниската служба во обезбедување на натпартиски консензус особено за законските решенија значајни за евроинтегративниот пат на државата.