Силекс избори полуфинале во Купот на Македонија КУП НА МАКЕДОНИЈА 2025/2026 Филип Здравески 25.02.2026 / 15:56 Фудбал Тимот од Кратово и трикратен куп освојувач денеска лесно излезе на крај со второлигашот од Радовиш. Фото: ФК Силекс Кратово По вчерашните две четвртфинални куп изненадувања кога второлигашите Шкендија 77 и Охрид Лихнидос ги елиминираа најтрофејните куп освојувачи Работнички (4 титули) и Вардар (6), денеска второлигашот Детонит Плачковица не успеа да ја повтори сензацијата. Тимот од Радовиш загуби со убедливи 3:0 од Силекс, кој чека титула од 2021 година. Кратовчани со по еден гол првото и два во второто полувреме ги расчистија сите дилеми и обезбедија пласман во полуфиналето. Иако домаќин беше Детонит Плачковица, натпреварот се играше во Картово оти на стадионот во Радовиш нема услови да се постават сите потребни камери за ВАР системот. А, таму ќе играат против Охрид Лихнидос, моментален лидер во втората лига кој вчера на пенали го исфрли бранителот Вардар откако во последната минута постигна гол за 1:1. Силекс ќе се бори по шести пат да игра во големото финале, додека охриѓани се надеваат дека ќе испишат историјат и прв пат ќе играат за пехарот. Потсетуваме, втората полуфинална двојка ќе биде позната на 18 март кога својот четвртфинален дуел ќе го одиграат Струга и Шкендија, натпревар кој беше поместен оти тетовчани утре имаат реванш плејоф меч во Конференциската лига на УЕФА. Победникот од овој дуел во полуфиналето ќе се сретне со Шкендија 77 од Арачиново, кој вчера го исфрли Работнички победувајќи го со 3:1. Стадион „Силекс“ во Картово Детонит Плачковица - Силекс 0:3 (0:1) Стрелци: 30' Дарко Додев, 63' Дарко Анѓелески, 69' Мигел Пиреш Главен судија: Александар Урошевиќ (Тетово) ФК Силекс Куп на Македонија Автор/Извор Филип Здравески Прикажи во метро Off