Градежна офанзива во Општина Илинден

Градежната офанзива во Општина Илинден започна со активностите за асфалтирање на новоизградената улица „103“ во м.в. Јака во н.м. Марино. Оваа улица е во вкупна должина од 512 метри и широчина од 6 метри, со тротоари од двете страни на улицата со широчина од 1,5 метри. Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид и истакна дека по претходно извршеното профилирање и трасирање на улицата, како и стабилизирање на тлото со соодветна стисливост на тампонскиот слој деновиве се нанесува првиот асфалтен слој на улицата. Воедно, пред започнувањето на овие активности беа реализирани повеќе приклучоци за фекална канализација и водоснабдување на локалните објекти кои се наоѓаат долж улицата. Во наредниот период Општина Илинден ќе продолжи со изградба, реконструкција, санација и рехабилитација и на други улици во месноста Јака, како и во сите останати населени места низ општината, со цел обезбедување квалитетни и современи услови за живот на сите граѓани.