Доналд Трамп буквално го направи парам-парче Роберт Де Ниро во објава на социјалната мрежа Truth Social. Трамп го нарече оскаровецот „болна и дементна личност“, откако Де Ниро во неодамнешно интервју за подкастот „The Best People With Nicole Wallace“ се бореше со солзите, повикувајќи ги Американците да му се спротивстават на Трамп. „Oпседнатиот Роберт Де Ниро е уште една болна и дементна личност со, верувам, исклучително низок коефициент на интелигенција, која апсолутно нема поим што прави или зборува, а дел од тоа е сериозно криминално! Кога синоќа го гледав како се расплакува како дете, сфатив дека можеби е уште поболен од лудата Рози О'Донел, која моментално е во Ирска и се обидува да сфати како да се врати во нашите прекрасни Соединети Американски Држави. Единствената разлика меѓу Де Ниро и Рози е тоа што таа веројатно е малку попаметна од него, што и не е некаков успех. Добрата вест е дека Америка сега е поголема, подобра, побогата и посилна од кога било, и тоа целосно ги излудува“, напиша Трамп. Во нова објава Трамп порача дека Де Ниро треба да се качи на брод и да ја напушти земјата заедно со конгресменките Илхан Омар и Рашида Тлаиб, кои пред крајот на неговото обраќање за состојбата на нацијата ја напуштиле салата и му дофрлале во знак на негодување, пренесува Варајети. „Кога ги гледате Илхан Омар и Рашида Тлаиб со низок коефициент на интелигенција како синоќа неконтролирано врескаа за време на многу елегантното обраќање за состојбата на нацијата, толку важен и убав настан, со ококорени, крвави очи како луди лица, ментално нарушени и болни кои, искрено, изгледаат како да треба да бидат институционализирани. Кога луѓето можат така да се однесуваат, а знаеме дека се расипани и корумпирани политичарки, толку лоши за нашата земја, треба да ги испратиме назад од каде што дошле — што е можно побрзо. Тие можат само да ѝ нанесат штета на Соединетите Американски Држави, не можат да направат ништо за да ѝ помогнат“, напиша Трамп. Во разговор со Никол Волас, Де Ниро оцени дека Трамп „ја уништува“ Америка и додаде: „Тоа е болно, тоа е изопачено. Мораме да ја спасиме земјата. Луѓето мора да пружаат отпор, отпор, отпор, отпор, отпор. Тоа е единствениот начин. Не постои магично решение. Луѓето нема едноставно да исчезнат, дури и ако Трамп по некоја причина почине од болест или нешто слично. Делови од тоa движење и понатаму постојат, и тоа е застрашувачки. Граѓаните мора да го неутрализираат“, рече Де Ниро.