Тридневна програма за одбележување на годишнината од трагедијата во „Пулс“ во Кочани

Во пресрет на годишнината од трагичниот настан од 16 март 2025 година, Општина Кочани заедно со Организацискиот одбор составен од Здружението на граѓани „16 Март“, ОО на Црвен крст – Кочани, Црковниот храм „Св. великомаченик Георгиј“, ЈЗУ ОБ Кочани, советници и НУЦК „Бели мугри“ изготви заедничка програма за оддавање почит на загинатите и поддршка на повредените од трагедијата во дискотеката „Пулс“. Во несреќата што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, животот го загубија 63 лица, а над 200 беа тешко повредени. По тој повод, градоначалникот Владко Грозданов одржа прес-конференција со членовите на Организацискиот одбор, на која беа соопштени активностите што ќе се реализираат на 14, 15 и 16 март. На 14 март ќе се одржат православни содржини посветени на упокоените во несреќата – молитвено сеќавање и духовно единство во нивна чест. Настанот предвиден за 15 март е насловен „Кочани Ви благодари“. Овој ден е посветен на повредените и на изразување благодарноста кон сите институции, здравствени установи, здруженија, поединци. -Упатени се официјални покани до здравствените установи што ни беа огромна поддршка по несреќата, а ги охрабрувам и повредените деца кои и денес имаат контакт со болниците во кои беа лекувани да ги поканат своите доктори и медицинските крепители. Општина Кочани е овде и ќе ги удостои со топол и срдечен прием, ќе им обезбеди сместување и сите потребни почести, рече Грозданов. Општината планира поканетите делегации од институциите и здруженијата што дале свој придонес, на свеченост на 15 март да бидат одликувани со статуетки на благодарност. Тој ден ќе заврши со содржини од културно-уметничка карактер, како израз на живот, надеж и заедништво. На 16 март активностите ќе бидат посветени на достоинствено оддавање почит на починатите во трагедијата. -Младите што трагично ги загубивме, заслужуваат почитта кон нив да ја искажеме мирно, достоинствено и сплотено – како што доликува на заедница што памети и што се грижи, истакна градоначалникот Грозданов. -Нека овие денови не бидат само сеќавање на болката, туку и нов лист во нашето заедничко делување – да станеме општина на сплотеност, истрајност и мир, рече градоначалникот Грозданов. Деталите од програмата ќе бидат дополнително соопштени од Општината.