Потпишан меморандум за соработка меѓу Општина Кисела Вода, ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ и МЦГО

Општина Кисела Вода и ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ денес официјално потпишаа меморандум за соработка со Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), со што се приклучуваат кон реализацијата на значајни активности за поголема безбедност и поддршка на младите. Документот го потпишаа градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, директорот на училиштето Горанчо Јакимов и извршниот директор на МЦГО, Бесник Рамадани. Оваа соработка е дел од двегодишниот проект „Од свест до акција: Унапредување на спречувањето и борбата против насилниот екстремизам во заедницата во Македонија“, поддржан од Фондот за глобално ангажирање на заедницата и отпорност, а кој МЦГО го спроведува во конзорциум со организациите „Лоја“ од Тетово и „ЦИД“ од Куманово. Соработката со Општина Кисела Вода ќе се фокусира на практично зајакнување на локалните совети за превенција. Преку нив, ќе се воспостави функционален систем за рано препознавање и навремена заштита на младите, користејќи ги веќе постоечките општински ресурси. Во образовниот сегмент, преку оваа соработка во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ од април започнуваат низа активности. Учениците ќе поминат обуки за медиумска писменост и поголема безбедност на интернет, ќе реализираат сопствени младински иницијативи и ќе учествуваат во „Отворен ден за пријателство и почит“. Проектот ќе биде придружен и со соодветна медиумска кампања на социјалните мрежи, насочена кон промоција на вредностите на проектот и заштитните механизми во заедницата. -Оваа соработка е важна за нашата локална заедница бидејќи превентивната работа во училиштата и меѓуинституционалното поврзување придонесуваат кон правилно воспитување на младите. Преку вакви партнерства, како општина добиваме дополнителни механизми кои помагаат во препознавање на одредени ризици и во градењето на здраво општество базирано на меѓусебна почит и разбирање-изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска. Овој проект истовремено се спроведува во шест општини: Кисела Вода, Аеродром, Велес, Тетово, Куманово и Липково.