Хилари Клинтон сведочеше за случајот Епстин: Прашајте го Трамп под заклетва Александра Спасеска 26.02.2026 / 20:09 Свет Поранешната прва дама на САД, Хилари Клинтон, денеска сведочеше во Вашингтон за случајот на поранешниот финансиер и сексуален престапник Џефри Епстин, а своите воведни зборови ги објави на социјалните мрежи. Сведочењето се одржува зад затворени врати, иако Клинтон побара медиумите да бидат присутни. Ова барање беше одбиено од шефот на Комитетот за надзор на Претставничкиот дом на САД, Џејмс Комер. На самиот почеток, Клинтон изјави дека нема информации за кои е повикана да сведочи. „Како што наведов во мојата изјава дадена под заклетва од 13 јануари, немав сознанија за нивните криминални активности. Не се сеќавам дека некогаш сум го сретнала г-дин Епстин. Никогаш не сум летала со неговиот авион, ниту сум ги посетила неговите острови, домови или канцеларии. Немам што да додадам на тоа. Како и секој пристоен човек, бев ужасната од она што го дознавме за нивните злосторства“, рече Клинтон. Таа се потсети на своето време во Белата куќа, како и на нејзиниот мандат како државен секретар. „Во Југоисточна Азија, сретнав девојчиња на возраст од само дванаесет години кои биле принудени на проституција и постојано силувани. Некои умираа од СИДА. Во Источна Европа, сретнав мајки кои ми раскажаа како ги изгубиле своите ќерки поради трговија со луѓе и не знаеле кому да се обратат. Во различни делови од светот, сретнав преживеани кои се обидувале да ги обноват своите животи и да помогнат во спасувањето на другите - со многу мала поддршка од луѓето на власт, кои премногу често замижувале и покажувале ладна рамнодушност“, рече таа. Конечно, таа изјави дека овој Комитет ќе добие вистински одговори само кога ќе го повика американскиот претседател Доналд Трамп да сведочи. „Ако овој Комитет беше сериозен во врска со откривањето на вистината за злосторствата на Епстин поврзани со трговија со луѓе, немаше да се потпира на случајни прашања од новинарите за да добие одговори од нашиот сегашен претседател за неговата вмешаност; ќе го прашаше директно, под заклетва, за десетиците илјади пати кога се појавува во досиејата на Епстин“, додаде Хилари Клинтон. Патем, сведочењето беше прекинато од неверојатна ситуација. Еден од членовите на комисијата, републиканската конгресменка Лорен Боберт, ја фотографирала Клинтон за време на сведочењето и му ја испратила фотографијата на конзервативниот инфлуенсер Бени Џонсон, кој ја објавил фотографијата на социјалната мрежа X. Боберт призна дека ја испратила фотографијата, но исто така рече дека „не направила ништо лошо“, иако ги прекршила правилата. САД Хилари Клинтон Џефри Епстин Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On