Научниците откриваат зошто некои денови сме попродуктивни од други

„Нова студија открива дека менталната острина може да направи значајна разлика во тоа колку задачи ќе завршиме во текот на денот - дури еквивалент на дополнителни 40 минути работа“, пренесува РТС. Истражувањето е спроведено од тим од Универзитетот Торонто Скарборо во Канада, кој утврдил дека во денови кога когнитивните способности се на врв, луѓето успеваат да реализираат значително повеќе обврски. Тоа, според научниците, објаснува зошто понекогаш лесно ја „чистиме“ листата со задачи, додека во други денови имаме чувство дека едвај напредуваме. Во научниот труд биле опфатени 184 студенти, следени во период од 12 недели. Секој ден тие решавале когнитивни тестови со кои се мерела нивната ментална острина, а потоа известувале дали ги исполниле целите што си ги поставиле. Наместо класично споредување меѓу испитаниците, истражувачите ги анализирале варијациите кај секој поединец - од ден на ден. Резултатите покажале дека промените во менталната острина имаат директна врска со извршувањето на задачите. Во „добри“ денови, испитаниците не само што постигнувале повеќе, туку си поставувале и поамбициозни цели. Во „лоши“ денови, пак, продуктивноста се намалувала за ист износ - што значи дека разликата меѓу најдобриот и најлошиот ден може да достигне и до 80 минути работа. Психологот Цендри Хачерсон од Универзитетот Торонто Скарборо вели дека целта била да се разбере зошто некои денови „сè оди како подмачкано“, а други имаме чувство дека се пробиваме низ магла. Истражувањето се фокусирало на таканаречениот јаз меѓу намерата и однесувањето - разликата меѓу она што планираме да го направиме и она што навистина го реализираме. Менталната острина се покажала како важен фактор што го проширува или намалува тој јаз. Иако особините како самоконтрола и совесност влијаат врз просечното ниво на извршување на задачите, тие не ги штитат луѓето од секојдневните осцилации во когнитивната функција. Со други зборови, сите имаат добри и лоши денови. Според Хачерсон, на менталната острина влијаат повеќе фактори, меѓу кои квалитетот на сонот, нивото на стрес, мотивацијата и степенот на одвлекување внимание. Таа додава дека не секој ден мора да биде максимално продуктивен. -Понекогаш едноставно не е вашиот ден, и тоа е во ред. Можеби токму тогаш треба да бидете малку поблаги кон себе, порачува Хачерсон. Иако студијата не утврдува директна причинско-последична врска, таа дава силна научна поддршка на чувството што на многумина им е познато од секојдневието. Како практични препораки, истражувачите издвојуваат три клучни чекори: доволно сон, избегнување на долгорочно „прегорување“ и намалување на депресивните моменти. Идните истражувања од ваков тип би можеле да опфатат поширока популација и да овозможат попрецизно следење на менталните способности и извршувањето на задачите. Студии со поекспериментален пристап, на пример, би можеле да испитаат дали методите за подобрување на когнитивните функции навистина влијаат врз количината на завршена работа. Заклучокот од сето ова е - сите имаме добри и лоши денови. Разликата лежи во менталната подготвеност, а дел од неа, барем според научниците, можеме и самите да ја контролираме.