Реакции во светот на војната меѓу Пакистан и Авганистан: Гутереш повика на дијалог, Кина на преговори

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш ги повика Пакистан и Авганистан строго да се придржуваат кон своите обврски според меѓународното право, со посебен акцент на меѓународното хуманитарно право. Високиот претставник на ОН за човејови права Волкер Турк апелираше за дијалог меѓу двете земји во услови на гранични судири и смртоносни воздушни напади. Кина е длабоко загрижена за ескалацијата на тензиите долж границата меѓу Авганистан и Пакистан, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи, повикувајќи ги двете страни да „ги решат разликите и споровите преку дијалог и преговори“. Кина, се додава во соопштението,  „посредува во конфликтот преку свои канали“ и е подготвена да продолжи да игра конструктивна улога во деескалацијата и подобрувањето на билатералните односи. - Како сосед и пријател, Кина е длабоко загрижена за ескалацијата и жали за жртвите предизвикани од конфликтот, изјави портпаролката на министерството Мао Нинг, додавајќи дека „секоја понатамошна ескалација ќе предизвика штета и загуби за двете страни“. Во соопштението за медиумите се наведува дека прекинот на непријателствата „е во фундаментален интерес на двете земји и нивните народи и може да помогне во зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот“.