Лидерите на Европската Унија ги повикаа сите страни веднаш да ги деескалираат тензиите и да ги запрат непријателствата меѓу соседните земји Авганистан и Пакистан, предупредувајќи дека насилството може да има „сериозни импликации за регионот“. ЕУ денеска изјави дека авганистанската територија не смее да се користи за заканување или напад врз други земји и ги повика авганистанските де факто власти да преземат ефикасни мерки против терористичките групи кои дејствуваат во или од Авганистан. „Ги повикуваме двете страни да се вклучат во дијалог“, се вели во соопштението, нагласувајќи дека меѓународното право мора да се почитува, а цивилите да бидат заштитени. Соопштението дојде откако авганистанските сили ги нападнаа пакистанските позиции по должината на границата во четвртокот вечерта. Пакистан одговори вчера со воздушни напади врз Кабул и други авганистански провинции. Двете страни пријавија жртви. Талибанците, кои владеат со Кабул, повикаа на решение засновано на дијалог, додека Пакистан издаде јасни барања за прекин на борбите. Односите меѓу соседите се влошија во последните месеци поради пакистанските обвинувања дека Кабул крие милитанти кои извршуваат напади во Пакистан, што Авганистан го негира. Конфликтот периодично се разгорува во директни воени конфронтации. Претходните обиди за траен мир, вклучително и преговорите минатата есен, не успеаја.(МИА)