Една седница за пратенички прашања беше доволна да се расчисти дилемата околу враќањето на Артан Груби во земјава. Враќање кое носи последици по неговите партиски и коалициони партнери од времето кога „жареше и палеше‘‘ со своите фудбалски потези во владиниот кабинет. Сликата од граничниот премин Блаце, каде се појави екс првиот вицепремиер, а претходно најавен од полициските служби на Косово, покажа дека Груби решил да се соочи со правдата, изморен од 14-месечното бегство за кое тврдеше дека не е бегство, туку приватно патување, како од филмската реплика ,,татко на службен пат‘‘. Епа и на „приватната посета‘‘ и дојде крај, оти никој не трпи гостин толку долго време, дури ни Косово, па нека е тоа и моќната десна рака на Али Ахмети. Тоа што го предизвика револтот е неговиот краток престој во затворски притвор, кој со одлука на обвинителот и судијата беше заменет со куќен притвор. Објаснувањето за безбедносни закани по животот на Артан Груби во притвор, од докажан криминалец иако е класифицирана информација, веројатно и реална, тоа не можеше да го ублажи револтот за двојниот аршин на правосудните органи. Токму тој момент го искористија Венко Филипче и неговите партиски портпароли катадневно да обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат политички договор за постапување со Груби. Моментот кога опозицијата сфати дека Груби може да „пропее‘‘ за криминалот и корупцијата на претходната влада, лидерот на СДСМ ја направи клучната грешка со пораката: КОЈ ШТО САКА НЕКА КАЖЕ И КОЈ ШТО НАПРАВИЛ НЕКА ОДГОВАРА! Освестувањето дојде на седницата за пратенички прашања на која никој, ама никој од СДСМ не се осмели да праша, дури ни за здравјето на Груби, а не па за неговото приведување или испраќање во куќен притвор. Изненадувањето беше толку неверојатно, што самата власт мораше да ги постави клучните прашања за случајот Груби пред речиси празните пратенички столчиња на опозицијата. Штом се спомна името на Груби пратениците на СДСМ како под команда се разбегаа по собраниските канцеларии и ходници. Улогата што може да ја има Груби пред судот, или како што го нарекуваат од „Вреди‘‘ црната кутија на ДУИ, ги занеме и Филипче и екс министрите. Остана од нивните прес-конференции како екот да се повторува нелогичната фраза - политички договор на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. За разлика од СДСМ, интегративците не се расфрлаат со политички памфлети, оти знаат дека единственото што можат да го направат е да бараат фер судење за Груби. Куќниот притвор за Груби лесно може да се замени во друга мерка за обезбедување, веднаш штом екс вицепремиерот ќе се соочи со доказите за милионскиот криминал. Но тоа што нема да може да се смени е фактот што Груби доброволно се вратил, што се знае и за што се е решен да „пропее‘‘. Начинот на кој се чува во домот, со униформирани и полицајци во цивил, како да е заштитен сведок против мафијата, предизвикува дополнителна нервоза кај видни членови на СДСМ. Изјавата на Филипче - Кој што сака нека каже - веќе не изгледа така сигурна и ноншалантна, туку личи на изјава кажана од очај, веројатно предзвикан од одлучноста на Мицкоски случајот да се истера до крај, а притоа секој да памти што кажал за да нема плачење за политички реваншизам. А, случајот може не само да чепне, туку „како пупка‘‘ да ги отвори и набавките за модуларните болници, смртта на 14 македонски граѓани во една од нив, набавката на ковид-вакцините, бизнисот со канабисот, менувањето на правилникот за одгледување на марихуаната, разни фиктивни тендери и пари кои завршуваат на сметки во Бугарија, возила, имоти, станови, па и цели згради во странство. Криминалот во државната лотарија е само почеток, а клучот од целиот криминал на претходната влада е кај Груби. Точно е дека одлуката на обвинителот и судијата за куќен притвор и нанесе штета на владата. Но, судската завршница за случајот Груби може да биде цунами за опозицијата. ПС Ако досега не беше јасно кој добива, а кој губи од враќањето на Груби, празните опозициски столчиња во Собранието јасно покажуваат дека не сакаа ниту да прашаат, ниту да слушнат што тој знае и што тој носи. Притоа мислеа како ноеви, со пикната глава во песок ќе избегаат од суровата вистина и од одговорноста.