Американскиот Стејт департмент денеска издаде соопштение во кое им препорачува на граѓаните на Соединетите Американски Држави ширум светот да „покажат зголемена претпазливост“ поради американските и израелските воени удари врз Иран. „По започнувањето на американските борбени операции во Иран, Американците ширум светот, а особено на Блискиот Исток, треба да ги следат упатствата од најновите безбедносни предупредувања издадени од најблиската американска амбасада или конзулат“, се наведува во предупредувањето објавено на интернет-страницата на Стејт департментот. Се додава дека е можно да дојде до нарушувања во патувањата поради периодично затворање на воздушниот простор на некои земји. САД и Израел рано утрово извршија напади врз Иран во, како што е соопштено, „превентивни напади“, по неуспехот на повеќе рунди преговори за иранската нуклеарна програма. Потоа Иран изврши масовни удари како одмазда врз Израел, како и врз цели поврзани со САД во регионот на Блискиот Исток.