Во дворот на спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип почна уредувањето на над 50 нови паркинг места. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека проектот се реализира за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот на населбата Сењак. Градежната механизација денеска работеше на рамнење и подготовка на просторот, а утре ќе се пристапи кон негово асфалтирање. Целта е да се овозможат повеќе паркинг места на локација каде се одржуваат големи спортски настани во Штип. Вредноста на овој проект кој е на барање на граѓаните изнесува еден милион денари. -Овде се задоволува конечно потребата за паркинг простор и паркирање кога има спортски настани. По реакција на жители, по реакција на граѓани, заради тоа што сообраќајницата која поминува веднаш до спортскиот објект е доведена до безбедносен ризик во сообраќајот при паркирање на возила, кога се одржуваат спортски манифестации потребата е повеќе од евидентна. Затоа одлучивме еден паркинг простор во рамки на самата парцела, која е за некаде за повеќе од 50 возила-изјави Јорданов. Тој додаде дека се работи на реализација на уште неколку инфраструктурни проекти во населбата Сењак. На изградба на паркинг места се работи и во централното градско подрачје, предвидени се три катни гаражи и паркинг платформи на реката Отиња. (МИА)