Се огласи братот и вујкото на жената и девојчето кои трагично починаа во Карпош

Денеска се случи трагедија во која згаснаа два млади животи. Братот на жената, односно вујко на шестгодишното дете, Александар Стојаноски, преку јавна објава се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле. Тој посочува дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале. „Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство. Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем ... После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата. Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа! Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден! Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече - вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто ... вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем!“, напиша Стојаноски. Трагедијата се случи во скопско Тафталиџе, каде жената е најдена мртва заедно со својата ќерка. Полицијата до доцна вечерва прави увид. „Скопје1“ уште попладнево побара официјални информации од МВР за тоа дали кај нив се регистрирани пријави за семејно насилство и досега немаме одговор на прашањата бидејќи службениците биле на терен. Одговор нема ниту од скопското Обвинителство, а обвинителката била на терен до доцна вечерва.