Патот од Фариш до Прилеп не може и не смее да остане црна дупка, па затоа интензивно работиме на соодветно решение за иградба на автопат или експресен пат, а со цел целосна изградба и на Коридорот 10 -д кој ги поврзува Скопје со Атина, истакна во интервју за "360 степени", заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски. “Природно е ние да го завршиме овој проект, затоа што за да се развие Коридорот 10 -д, а тоа е потегот Скопје-Битола-Атина и да се скрати патувањето од Скопје до Атина од сегашни 8 до 8 ипол часа на 5 до 5 ипол часа, што ќе значи комплетно нов однос помеѓу двете држави во делот на трговија и бизнис, ние мора овие 25 км да ги завршиме”, објасни вицепремиерот Николоски. Вицепремиерот ги потенцираше и моменталните активности од македонска и грчка страна, како дел од заедничките заложби и посеветеност Коридорот 10 -д целосно да заживее во иднина. “Грците интензивно работат на нивна страна, од граница, преку Лерин кон Кожани се работи автопатот, ние интензивно работиме на наша страна автопат од Прилеп до Битола. Втора фаза е обиколница на Битола-Жабени и граничен премин. Од друга страна се изгради делот кој што оди Градско-Дреново-Фариш и не може да остане црна дупка делот од Фариш до Прилеп или популарниот Плетвар и најдобро е да се реши со автопат”, додаде Николоски. Според вицепремиерот, дали потегот од Фариш до Прилеп може да се изгради во автопат, одлуката останува на стручни лица да го дадат одговорот, имајќи во предвид дека се работи за многу комплициран терен.