Државјанин на Грузија вчера бил приведен на атинскиот аеродром пред да ја напушти Грција, откако претходно бил следен во изминатите најмалку 20 дена и постои сомнение дека ја фотографирал и следел воената база во Суда, на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина. Грчките медиуми пишуваат дека се истражува дали грузискиот државјанин шпионирал и имал контакти со Иран, се проверува дигиталниот материјал што го поседува и дополнително ќе биде одлучено дали ќе биде уапсен. Според истите информации, имал фотографии од американскиот носач на авиони USS Gerald Ford и преку апликација примал информации директно од Иран. Во Грција пристигнал од Германија на почетокот на февруари, престојувал во градот Ханија на Крит во непосредна близина на воената база во Суда, бил следен од Националната разузнавачка служба на Грција, а бил уапсен вчера на аеродромот во Атина, кога планирал да ја напушти земјата. (МИА)