Јанков: Општина Струмица почнува соработка со студенти по архитектура од Американ Колеџ Скопје

Општина Струмица започнува соработка со студентите по архитектура од Американ Колеџ Скопје, соопшти градоначалникот на Струмица, Петар Јанков. -Со големо задоволство најавувам една нова иницијатива за нашиот град. Општина Струмица започнува соработка со студентите по архитектура од Американ Колеџ Скопје со цел заедно да создадеме современи и одржливи архитектонски решенија кои ќе ја обликуваат иднината на нашиот град, објави на неговиот фејсбук профил градоначалникот Јанков. Тој појаснува дека целта е идејните концепти што ќе бидат понудени за градот да бидат претставени пред Струмичани за и тие да бидат запознаени -Овие млади и талентирани студенти, со поддршка и менторство од нашите стручни тимови, ќе работат на идејни концепти за јавни и урбани проекти кои ќе ги задоволат потребите на нашата заедница и ќе бидат во согласност со урбанистичката документација. По завршувањето на процесот, сите идеи ќе ги презентираме јавно, за да можете и вие, граѓаните на Струмица, да се запознаете со нивните креативни визии и потенцијалните насоки за развој на нашиот град, напиша Јанков. Додава дека со оваа иницијатива сакаат да ја зајакнат врската помеѓу академската заедница и локалниот развој, но, пред сè, да се создаде простор за иновативност, транспарентност и активно учество на сите во градењето на иднината на Струмица.