Дојран ќе добие наколна населба со четири објекти и музеј за артефакти

Основен проект за изградба на Музеј на отворено во водите на Дојранското Езеро, по примерот на охридската наколна населба, ќе се изработи оваа година. Проектот кој предвидува реконструкција на праисториска наколна населба е дел од годишната програма за работа на надлежниот Завод за заштита на споменици на култура и Музеј од Струмица и за него се издвоени 600 000 денари. Археологот Зоран Рујак од струмичкиот Завод и музеј, кој во изминатите години ги предводи истражувањата на терен во месноста Мрдаја, до самата граница со соседна Грција, објаснува дека за најпогодна локација на која би се градел новиот музеј е избрана поранешната струмичка плажа. - Врз основа на археолошки истражувања од 2012 до 2014 година се добија одредени сознанија за карактерот, распоредот и содржината на праисториска наколна населба која во минатото постоела во Дојран. Населбата била активна во доцната бронзена епоха. Тоа беше почетна основа за размислувањето дека Дојран како туристичко место, исто како и во Охрид, треба да добие Музеј на отворено и во текот на 2017 и 2018 година од Министерството за култура се добија средства за идеен проект, кој откако се изработи беше јавно презентиран. Тргнувајќи од оваа позиција беше преговарано со општина Дојран и врз основа на одредени параметри, како што се т.н. роза на ветровите, пристапноста, можноста за паркинг и друго, за локација на идниот музеј се одбра малиот залив пред хотелот „Ла Тераса”  - изјави Рујак. Со идејниот проект е предвидено формирање на четири објекти во водите на Дојранско Езеро, споени со мост на брегот и еден мал музеј на крајбрежјето каде што ќе се изложат предмети пронајдени при истражувањето. - Од септември до последниот ден на декември минатата година бевме на терен и тоа беа досега најдобрите спроведени археолошки истражувања во Дојран. Се потврди приказната дека објектот се протегал на посебни платформи, поврзани меѓу себе со мали мостови, за разлика од охридската населба која била на една платформа. Во најновите пронајдоци имаме остатоци од еден од мостовите, бронзени предмети меѓу кои алат и накит, керамички предмети, пронајдоци од камен, кремен, коска, садова и амбалажна керамика, садови за загревање на просториите, но и потврда дека населбата била развиен металуршки центар - додава Рујак. Минатата година, при посета на министерот за култура Зоран Љутков на ова туристичко место, идејата за Музеј на отворено беше поддржана со став дека ќе даде нов импулс во туристичката понуда на Дојран. - Основниот проект кој ќе се изработи оваа година е целосен проект до градба на објектот, односно ги предвидува сите фази на изградба, електрика, статика, внатрешно уредување итн., кои се поминати низ сите релевантни институции и на крај ревидирани. Потоа наредна фаза е избирање изведувач и почеток на изградба -  вели археологот Рујак. Според археолошките истражувања, дојранската праисториска населба настрадала во текот на судирите од т.н. големи егејски преселби во 12 век пред нашата ера, период кога биле уништени и повеќе познати цивилизациски центри како грчкиот Микена. (МИА)