Почна судењето за убиството на 79 годишна жена во Штип, обвинетиот не признава вина

Во Основен суд Штип денеска почнува судењето против 74-годишниот Денис Асанов, обвинет за убиство на 79-годишната Б.Н. од Штип. Обвинетиот Асанов не признава вина за делото што му се става на товар. Убиството се случи лани, а дел од трупот на починатата жена беше пронајден закопан во дворот на куќата на обвинетиот. Според исказот кој го дал пред Основното јавно обвинителство Штип, мотивите биле љубомора и љубовни недоразбирања. По убиената жена се трагаше неколку дена, а исчезнувањето го пријавила нејзината сестра. Според податоците од МВР, на 24 октомври 2025 година, 84-годишната сестра на жртвата пријавила дека Б.Н. се оддалечила од домот. На 10 ноември, по судска наредба, бил извршен претрес во домот на обвинетиот Асанов, при што биле пронајдени траги од крв и други предмети поврзани со убиството. По претресот, обвинетиот бил лишен од слобода и му била изречена мерка притвор. Дополнителните вештачења и разговори со обвинетиот довеле до детално објаснување на начинот на извршување на кривичното дело, се наведува во соопштението на МВР објавено на 16 ноември 2025 година. (МИА)