Безбедноста на македонските граѓани е највисок приоритет на Владата. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и понатаму пристапува одговорно, координирано и темелно во спроведувањето на сите активности поврзани со евакуацијата на граѓаните од погодените подрачја, информираат од МНР. -Во таа насока, ја информираме јавноста дека, согласно заклучок на Владата, е започната постапка за јавна набавка за организација на чартер-летови со цел обезбедување безбедна евакуација, велат од министерството. Имајќи ја предвид итноста и фактот дека безбедносната состојба тековно се менува, постапката ќе се спроведе согласно Законот за јавни набавки, со примена на скратени рокови предвидени за вакви ситуации. -За реализација на оваа услуга се предвидени средства во износ до 60 милиони денари, обезбедени во Буџетот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во зависност од конечниот број на пријавени македонски државјани и бројот на чартер-летови што ќе се реализираат, можно е да биде искористен само дел од предвидениот износ, посочуваат од МНР.