Почна со работа нов Центар за менаџирање со дебелина во кумановската општа болница

По повод денешниот Светски ден на дебелината, во рамки на општа болница Куманово официјално почна со работа нов Центар за менаџирање со дебелина. Специјализираната амбуланта ќе функционира во состав на одделот за третман и следење на дијабетес. Центарот е наменет за жителите на Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Кратово, Крива Паланка и Ранковце, со што првпат во североисточниот регион се воспоставува организирана здравствена услуга за третман на дебелина. Директорот на болницата, Сашо Стошевски, информираше дека отворањето на центарот претставува дел од стратегијата за проширување на здравствените услуги и подобрување на достапноста до специјализирана медицинска грижа. -Статистички гледано, повеќе од една милијарда луѓе во светот се соочуваат со зголемена телесна тежина. Во споредба со 1990 година, кај возрасната популација бројот е двојно зголемен, а кај младите и адолесцентите дури четирикратно. Според податоците на Институтот за јавно здравје, во земјава 28,4 проценти од населението има проблем со зголемена телесна тежина-изјави Стошевски. Отворањето на центарот придонесува за зголемување на обемот на услуги што им ги нуди на пациентите со јасна порака дека проблемот со дебелината мора да се третира институционално. Раководителката на Одделот за третман и следење на дијабетес, прим. д-р Марија Бајдевска-Спирковска, потенцира дека клучниот акцент е препознавањето на дебелината како хронична болест. - Дебелината е хронично заболување, исто како покачен крвен притисок, дијабетес или невролошки заболувања. Пациентите имаат право на лекарска помош, термин, совет и терапија. До сега, во нашиот регион, тие практично немаа каде да се обратат – изјави таа. Центарот ќе понуди сеопфатен пристап, преглед и консултација со специјалист интернист, дијабетолог или ендокринолог, анализа на телесен состав со InBody апарат (процент на масти, мускулна маса, вода), лабораториски анализи, и индивидуализирани препораки за исхрана, по потреба ќе се даде медикаментозна терапија, пациентите ќе се упатат до други специјалисти (кардиолог, гастроентерохепатолог, психолог, ортопед, пулмолог). - Не е доволно само да се измери тежината. Многу е важно да знаеме од што се состои таа тежина колку се масти, колку мускулна маса, колку вода. Врз основа на тоа се прави индивидуален план-појаснува Бајдевска-Спирковска. Лекарите предупредуваат дека дебелината претставува сериозен ризик-фактор за низа други заболувања дијабетес тип 2, хипертензија, кардиоваскуларни болести, оштетувања на зглобовите, па дури и одредени малигни заболувања. - Не им препорачуваме на пациентите самостојно да користат терапија. Дури и претседателот на Националното здружение за дебелина, проф. Ирфан Ахмети, јавно предупреди дека лековите не смеат да се користат без лекарски надзор. Интернетот не смее да биде замена за стручен медицински совет-порача докторката. Центарот ќе работи со упат од матичен лекар, а прегледите ќе бидат закажувани по редовна процедура. Во однос на зголемениот број случаи на детска дебелина, од болницата информираат дека ќе се вршат консултации и за адолесценти, додека за помладата популација ќе се соработува со педијатрите и со специјализирани центри. (МИА)