Имплементацијата за Стратегијата за инклузија на Ромите останува приоритет на Владата: Напредок во образованието, здравствената заштита и издавањето лични документи

Имплементацијата на Стратегијата за инклузија на Ромите е позиционирана како висок приоритет на Владата. Ова не е формална програмска обврска, туку прашање на вредности, владеење со одговорност и градење држава во која еднаквоста не е само заложба, туку реалност, беше порачано на денешната презентација на Извештајот за проценка на имплементацијата на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 година. Министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за инлузија на Ромите, Шабан Салиу рече дека стратегијата претставува системска рамка за создавање на праведно и инклузивно општество, еднаков пристап до квалитетно образование, здравствена заштита, социјална сигурност и достоинствено домување. Анализата изработена од експертот Ебен Фридман, според министерот Салиу, ги покажува постигнатите резултати, но ги детектира и областите каде е потребна поголема ефикасност, подобра организација и подобра отчетност. - Очекувам надлежните институции активно да се вклучат во дискусијата и јасно да ја потврдат својата подготвеност препораките да ги преточат во конкретни политики, буџетски мерки и временски рамки. Само така можеме да зборуваме за вистинска имплементација. Ќе работиме на зајакнување на меѓуинституционалната соработка, унапредување на механизамите за мониторинг и воспоставување на јасни линии на одговорност. Само преку системски пристап и силна политичка волја можеме да обезбедиме долгорочни резултати, рече министерот Салиу. Конкретен напредок земјава бележи во делот на образованието каде во периодот од 2006 до 2025 година околу 5.500 ромски деца се вклучени во предучилишното образование, а само лани се запишани 526 деца. Во 20-тина општини децата од семејства со социјален ризик се ослободени од плаќање на партиципација, а во 20 општини се ангажирани образовни медијатори за зголемување на свесноста за раното образование. Значаен чекор, според министерот за социјална политика Фатмир Лимани, е направен и во делот на издавање на документи за идентификација. Поточно, од 526 евидентирани лица без документација, на околу 450 лица веќе им е издаден извод од матичната книга на родени, а дадени се и 150 лични документи за идентификација, додека останатите се во процедура на издавање. Во делот на домувањето, Лимани најави дека месецов во владина процедура треба да влезе законот за социјално домување. Напредок се бележи и во пристапот до здравствени услови за овие лица, како и во делот на инфраструктурата. (МИА)