Во Данска постои долгогодишна и необична роденденска традиција според која пријателите посипуваат личност со цимет кога таа ќе ја достигне 25-тата година од животот, а сè уште не е во брак. Овој обичај има вековна историја и носи шеговита, но јасна порака - дека славеникот или славеничката сè уште се „слободни и во потрага“. Традицијата предвидува дека ако лицето остане неомажено / неженето до 30-тата година, „казната“ станува построга – тогаш наместо цимет следува посипување со бибер. Овој детаљ го прави обичајот уште повпечатлив и го нагласува социјалниот притисок, секако на шеговит начин. Иако фотографиите и видеоснимките често делуваат хаотично и екстремно, целата постапка се изведува како добронамерна шега меѓу пријателите. Станува збор за неформален обичај кој не претставува никакво официјално правило ниту законска обврска, туку е дел од културниот фолклор на Данците, пишува Сосајети (Society). Корените на традицијата се поврзани со времето на трговците со зачини. Во минатото, овие трговци често патувале долги периоди и не се венчавале, па биле предмет на шеги од своите врсници поради „вечната судбина на самците“. Со текот на времето, тие шеги се претвориле во формализирана симболика – посипување со зачини за сите кои на 25 или 30 години сè уште немаат стапено во брак. Денес, обичајот е особено популарен меѓу младите луѓе. Славеникот обично се врзува за столб, стол или друга фиксна површина, а пријателите го посипуваат со големи количини цимет или бибер. Во некои случаи, зачините се мешаат со вода за да се залепат на облеката и кожата, што го зголемува ефектот и интензитетот на шегата. Циметот се користи за 25-иот роденден бидејќи се смета за поблага и полесна верзија на шегата, додека биберот на 30-тата година - претставува симбол за поголема шега и социјален притисок. Некои славеници, свесни за интензитетот на обичајот, претходно носат стара облека, бидејќи по ваквата постапка речиси е невозможно целосно да се отстрани мирисот од зачините. Иако на прв поглед може да делува екстремно, мнозинството Данците овој обичај го доживуваат како симпатичен и забавен ритуал за премин во повозрасни години, начин да се означи важен животен момент и да се засили чувството на заедништво меѓу пријателите. Оваа традиција е толку препознатлива и ефектна што станала популарна на социјалните мрежи. Многу туристи кои наидуваат на вакви „зачинети“ роденденски прослави на улиците на Данска се изненадени и зачудени од необичноста на обичајот, што само ја зголемува популарноста и интересот за оваа културна традиција.