Предупредувањето на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ги прекине трговските односи со Шпанија поради критикување на војната меѓу САД и Израел против Иран претставува „закана за Европа“, изјави потпретседателот на Европската комисија за просперитет и индустриска стратегија, Стефан Сежурне. Сежурне, поранешен шеф на француската дипломатија, исто така, рече дека заканата за Европа е „закана за сите“, објави Фајненшл тајмс. „Заканата за Европа е закана за сите. Го видовме тоа во контекст на Гренланд, (во Европа) постои единство по тоа прашање“, рече Сежурне, поранешен генерален секретар на партијата „Ренесанса“ на францускиот претседател Емануел Макрон. Трамп ја нарече левичарската влада на Шпанија, предводена од социјалистот Педро Санчез, „ужасна“ и најави прекин на сите трговски врски, наведувајќи дека САД „не сакаат ништо да имаат со Шпанија“. Санчез вчера му одговори на заканите на Трамп, велејќи дека ставот на шпанската Влада е „Не за војна“. Тој, исто така, апелираше да „не се повторат грешките од минатото“, осврнувајќи се на американската инвазија на Ирак во 2003 година, за која рече дека не успеала да ги постигне своите цели, создала несигурност и го влошила животот на многу луѓе. Антонио Коста, претседателот на Европскиот совет, синоќа разговараше со Санчез по телефон, кој ја изрази својата солидарност со Шпанија. „ЕУ секогаш ќе се грижи интересите на земјите-членки да бидат целосно заштитени. Ја потврдуваме нашата цврста посветеност на принципите на меѓународното право и меѓународниот поредок заснован на правила насекаде во светот“, напиша Кошта на Икс.