Економијата расте: БДП од 3,5% во 2025 година, градежништвото со раст од 14,6%

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека македонската економија бележи стабилен раст, посочувајќи дека во изминатата година и половина се спроведувала умерена економска политика со јасно поставени цели и мерки. Според партијата, таквите политики резултирале со континуиран раст на економската активност во шест последователни квартали. „Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажа дека кога се работи посветено, со јасно поставени цели и добро проектирани политики, позитивните резултати во економијата се неизбежни“, се наведува во соопштението. Од таму посочуваат дека последниот квартал од 2025 година македонската економија го завршила со раст на бруто-домашниот производ (БДП) од 3,8 проценти, додека вкупниот раст за целата година изнесувал 3,5 проценти. Како клучни сектори кои придонеле за економскиот раст се наведуваат градежништвото и извозот. „Клучни сектори кои покажуваат дека македонската економија застанува на здрави нозе се градежништвото кое бележи раст од скоро 15%, односно 14,6 проценти, и извозот со 9,5 проценти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, зголемената активност во градежништвото во четвртото тримесечје од минатата година се должи на засилената работа во нискоградбата, која остварила реален раст од 12,5 проценти. Од партијата нагласуваат дека оваа динамика е резултат на реализацијата на капитални инфраструктурни проекти, особено изградбата на патишта и автопати кои се дел од паневропските коридори. „Силната динамика на растот на градежништвото најмногу се должи на посветеноста на македонската Влада за реализација на капитални проекти, како што се патишта и автопатите дел од паневропските коридори“, стои во соопштението. Воедно, се посочува дека позитивни сигнали доаѓаат и од надворешната трговија. Во последниот квартал од минатата година извозот се зголемил за речиси 10 проценти, додека увозот пораснал за 3,3 проценти. „Тоа значи дека нето-извозот имал значително позитивно влијание врз македонското стопанство“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Во соопштението се додава дека државата обезбедила и финансиска поддршка за домашните компании, при што на располагање биле ставени 250 милиони евра за инвестиции и развој. Од партијата оценуваат дека овие параметри претставуваат добра основа за понатамошен економски раст и подобрување на животниот стандард. „Овие се охрабрувачки параметри кои се добра основа за уште поголем понатамошен економски раст кој ќе донесе подобар животен стандард и повисоки плати за сите“, се наведува во соопштението.