Откако го разгледа новиот разурнувач од 5.000 тони и го надгледа тестирањето на ракетите севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вчера изјави дека морнарицата добива „моќни офанзивни капацитети“. За време на дводневната посета на бродоградилиштето Нампо, вчера и завчера, Ким го посети „Чое Хјон“, првиот воен брод од серијата нови разурнувачи, како и вториот брод од истата класа што е во изградба, објави денеска државната агенција КЦНА. Повикувајќи се на новата национална стратегија усвоена на Деветтиот конгрес, Ким објави амбициозен план за модернизација на морнарицата. „Секоја година за време на новиот петгодишен плански период, мора да изградиме два или повеќе површински воени бродови од оваа класа или повисока“, рече Ким. Се додава дека тој разговарал и за третиот воен брод од истата класа што е планирано да се изгради во тоа бродоградилиште. Програмата за изградба на овие бродови, исто така, се соочила со тешкотии. Уште еден разурнувач од класата „Чое Хјон“ имаше неуспешно прво лансирање минатиот мај, предизвикувајќи го гневот на Ким и резултирајќи со притворање на одговорните службеници. Според КЦНА, бродот беше поправен и повторно лансиран во јуни.