Скопското обвинителство бара продолжување на притворот за нови 48 часа за Стојанче Јовановски, осомничен за повеќе кривични дела, а по падот на неговите сопруга и 6-годишната ќерка од тераса во скопски Карпош. -Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлог за продолжување на мерката краткотраен притвор за нови 48 часа, бидејќи се постапува по издадените наредби за вештачење на три мобилни телефони и на други предмети, се обезбедуваат и анализираат видео записи од повеќе критични локации, а се обезбедува и целокупната документација за претходни поплаки и пријави за семејно насилство кои се однесуваат на осомничениот и починатата жена, информираат од Обвинителството. Дополнително се преземаат и други дејствија од значење за докажување на кривичните дела чии елементи се испитуваат во моментов.