Британската Влада ќе го бојкотира отворањето и затворањето на ЗПОИ2026

Британската Влада објави синоќа дека ќе ги бојкотира церемониите на отворање и затворање на Зимските параолимписки игри (ЗПОИ), кои ќе се одржат во Милано и Кортина од 6 до 15 овој месец, во знак на протест против враќањето на руските и белоруските натпреварувачи на меѓународните натпревари под своите национални симболи. „Јасно ставивме до знаење дека руската и белоруската држава не треба да бидат претставени во меѓународниот спорт на големата сцена додека продолжува варварската инвазија на Украина“, соопшти Владата во Лондон. „Затоа, ниту еден член или претставник на Владата нема да присуствува на церемониите на отворање и затворање на Параолимписките игри“, објави портпаролот на британската влада. Поради настапот на руските и белоруските параолимпијци, Чешка, Финска, Полска, Естонија и Летонија веќе објавија бојкот на церемонијата на отворање во поддршка на Украина. (МИА)