Во светот се случува еден од посериозните конфликти кој има потенцијал да предизвика многу сериозни потреси во глобалниот меѓународен поредок, оценува Оливер Шамбевски, поранешен пратеник и амбасадор, во гостувањето во „Наткаст“ на КУРИР кај Љупчо Цветановски. -Сега гледаме, особено во последниот случај со Иран, тој поредок се изместува. Не е уништен, не е дека не постои, но тој поредок сега доживува ремодулирање. Ќе видиме како светот ќе се позиционира, но ова е една од точките кои што ќе бидат значајни за тоа како светот пост конфликтот во Иран ќе продолжи да функционира и каков ќе биде распоредот на силите. Околу самиот конфликт, интересно е што се покажа колку денеска разузнавачките капацитети, особено на САД и Израел се добри, квалитетни и кредибилни. Тие во првиот ден ги постигнаа сите нивни цели кои ги имаа и кои што сакаа да ги постигнат од разузнавачка гледна точка. Погодија многу воени инфраструктури, особено поврзани со ракетите, го елиминираа врховниот лидер на Иран и неколку други клучни фигури и направија онеспособување на капацитетите, не целосно, меѓутоа сериозно ја намалија воената мож на Иран, посочи Шамбевски. Оценува дека сето тоа се спровело со прецизни удари базирани на добри разузнавачки податоци и вели дека тоа е школски пример за можностите кои што денешниот свет ги нуди во современото војување. -Меѓутоа тоа што мене искрено ме загрижува е што не гледам јасна визија ниту на САД ниту на Израел – што потоа? И војната ќе заврши, еве сега дефинираа дека целта е промена на режимот, легитимно на некој начин, но не гледаме природен лидер кој би можел да го наследи. Веројатно, дури и да биде инсталиран не верувам дека може да постигне толку брзо контрола заради тоа што после 48-50 години Иран мислам дека воопшто не е монархистичка земја, рече Шамбевски.