Арапската лига утре ќе одржи итна седница за да ги разгледа иранските напади во регионот, вклучително и во земјите од Персискиот Залив. Состанокот ќе се одржи преку видеоконференциска врска, соопшти помошникот генерален секретар на организацијата Хосам Заки за египетската државна телевизија „Ал-Кахера њуз“. Египетскиот државен информативен портал „Ал-Ахрам“ објави дека состанокот е свикан на барање на Саудиска Арабија, што го потврди и саудиската државна телевизија. Иран во изминатата недела изврши напади низ Блискиот Исток како одговор на американските и израелските воени напади на иранска територија. Нападите беа насочени кон американски воени бази, но и кон цивилни цели, како аеродроми и станбени објекти. Оттогаш напади се пријавени во околу десетина арапски држави, при што земјите од Персискиот Залив – меѓу нив Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Катар – известуваат за особено голем број инциденти. Арапската лига има 22 земји членки. Иако организацијата често издава заеднички соопштенија за меѓународни конфликти, ретко презема конкретни мерки. Како причини најчесто се наведуваат внатрешните поделби меѓу членките и фактот дека нејзините одлуки обично немаат обврзувачки карактер. За време на големите војни и конфликти во земји како Ирак, Сирија, Либија и Јемен, организацијата често беше критикувана дека има малo влијание и дека не успева да изгради единствен став.