Успешна спасувачка акција на Шар Планина – евакуирана повредена државјанка на Италија

Денеска во 13:35 часот, на Единствениот повикувачки број за итни случаи беше примена пријава за повредено женско лице, државјанка на Италија, на Шар Планина во близина на Доброшките Езера. По приемот на пријавата, Центарот за управување со кризи веднаш стапи во контакт со надлежните институции и беше покрената спасувачка акција. Поради комплексноста и непристапноста на теренот, за интервенцијата беше ангажиран хеликоптер од Министерството за внатрешни работи, заедно со спасувачки тим од специјалните единици. Во 16:00 часот спасувачкиот тим пристигна на локацијата, по што повреденото лице беше успешно извлечено и транспортирано до Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што му беше укажана медицинска помош поради скршеница на ногата. Во текот на целата спасувачка акција, дежурните оператори во Центарот за управување со кризи беа во постојана комуникација со лицата на местото на настанот и во координација со ангажираните спасувачки служби, со цел навремена и успешна реализација на интервенцијата. Центарот за управување со кризи изразува благодарност до Министерството за внатрешни работи и другите служби кои учествуваа во успешното спасување.