Пилотот Георгиев: Набавка на нов владин авион претставува долгорочна инвестиција во државната инфраструктура и останува на генерации

Емил Георгиев, пилот на владиниот лирџет во гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија, ја истакна потребата од набавка на нов владин воздухоплов, нагласувајќи дека постојниот авион „Лирџет 60“ е во служба веќе 21 година и дека неговото одржување станува се потешко поради недостапност на резервни делови. „Лирџет 60 класик, прв е произведен и пуштен во употреба во 1993 година. Нашиот е купен во 2004 година, веќе и тогаш беше постара технологија како тип авион. Технологија на 80-тите. За жал, беше одбран таков каков што е, беше нов, но во 2014 година фабриката Лирџет комплетно се затвори, останаа уште година до две сток на резервни делови нови. Оттогаш, до денес ние користиме само репарирани резервни делови“, истакна пилотот на владиниот лирџет, Георгиев. Георгиев нагласи дека безбедноста на летовите не е доведена во прашање, но посочи дека честите технички проблеми предизвикуваат несакани ситуации и прекини на патувања. Според него, набавката на нов владин авион треба да се гледа како долгорочна инвестиција во државната инфраструктура. „Јас никогаш не би влегол во авион што не е безбеден за летање, меѓутоа тој авион носи многу несакани ситуации. Многу претседатели, премиери сме оставиле на пола пат затоа што се расипал. Делегации, претседатели на Собрание, тоа е срамота за една држава. Една основна работа којашто е потребна, пак ќе кажам, не само за државни делегации. Политичарите доаѓаат и си одат, овој воздухоплов останува на генерации“, посочи Георгиев.