Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека Вашингтон официјално ја призна актуелната венецуелска влада за легитимна, јави ДПА. Ова шефот на државата го истакна во своето обраќање пред лидерите на земјите од Латинска Америка и Карибите, собрани на самит во американската сојузна држава Флорида. - Задоволство ми е да објавам дека оваа недела официјално ја признавме венецуелската влада. Всушност, законски ја признавме - рече Трамп пред лидерите кои се собраа за да формираат нов сојуз за безбедност во регионот. Преодната влада на Венецуела и администрацијата на Трамп неодамна се договорија за обновување на дипломатските односи меѓу двете земји. По американската воена операција на 3 јануари, во која беше заробен и одведен во САД претседателот Николас Мадуро, за вршител на должноста претседател беше именувана потпретседателката Делси Родригез. Венецуелската опозиција, предводена од добитничката на Нобеловата награда за мир за 2025 година, Марија Корина Мачадо, не ја смета владата на Родригез за легитимна. Од своја страна, Вашингтон тврди дека целта на соработката со актуелните власти во Каракас е постепено да му се овозможи на венецуелскиот народ да создаде услови за мирен премин кон демократски избрана влада.