Објавена е нова листа на милијардери: Бројката е поголема од минатата година – еден е убедливо најбогат меѓу нив

Бројот на милијардери ширум светот се искачи на рекордни 3.428, што е значителен скок во однос на минатогодишните 3.028. Вкупното богатство на луѓето на оваа листа се проценува на 20,1 трилиони долари, или четири трилиони повеќе од минатата година. На прво место е Елон Маск, основач на Тесла и СпејсИкс, со проценето богатство од 839 милијарди долари. На второ и трето место се коосновачите на Гугл, Лари Пејџ, со 257 милијарди долари и Сергеј Брин со 237 милијарди долари. Трамп меѓу најбогатите благодарение на криптовалутите Претседателот на САД, Доналд Трамп, исто така, значително го зголеми своето богатство. Неговиот имот порасна за 27 проценти, достигнувајќи 6,5 милијарди долари, првенствено благодарение на договорите за криптовалути и откако беше поништена пресудата за финансиска измама во Њујорк. Ова го стави Трамп на 645-то место на листата на најбогати луѓе во светот. Познати личности меѓу милијардерите за прв пат На јубилејната листа на милијардери по повод 40-годишнината од објавувањето се наоѓаат и неколку познати имиња од светот на забавата и спортот. Меѓу новите милијардери се раперот Др. Дре, со проценето богатство од 1 милијарда долари, пејачката Бијонсе Ноулс-Картер со иста сума и тениската легенда Роџер Федерер, чие богатство се проценува на 1,1 милијарда долари. Листата годинава доби 390 нови членови, вклучувајќи го Грег Абел, наследникот на Ворен Бафет на чело на Беркшир Хатавеј, Кимбал Маск, брат на Илон Маск, и адвокатката и поранешна сопруга на Сергеј Брин, Никол Шанахан. Американците доминираат на врвот на листата На првите шест места на листата се наоѓаат американски милијардери. Меѓу најбогатите се основачот на Амазон, Џеф Безос, со 224 милијарди долари, извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг, со 222 милијарди долари и коосновачот на Оракл, Лари Елисон, со 190 милијарди долари. На седмото место е францускиот магнат во луксузната индустрија, Бернар Арно, и неговото семејство, со проценето богатство од 171 милијарда долари. Основачот на Nvidia, Јенсен Хуанг, со 154 милијарди долари, инвеститорот Ворен Бафет со 149 милијарди долари и шпанскиот моден магнат Амансио Ортега со 148 милијарди долари се исто така меѓу десетте најбогати луѓе. Крипто милијардер побогат од Бил Гејтс Форбс, исто така, проценува дека основачот на крипто берзата Binance Changpeng Zhao, познат како CZ, сега е побогат од основачот на Microsoft, Бил Гејтс, со проценето богатство од 110 милијарди долари. Најголемо зголемување на богатството забележа Елон Маск, кој го зголеми својот имот за дури 497 милијарди долари. Од друга страна, најголем пад доживеа основачот на кинеската компанија Xiaomi, Леи Џун, чие богатство се намали за 15,6 милијарди долари.