Штипската болница во првите шест часа примила од 120 до 130 повредени од „Пулс“

Клиничка болница Штип, како најголема регионална болница во источниот дел од државата, го презеде првиот удар по трагедијата во Кочани и во првите шест часа прими околу 120 до 130 повредени, изјави директорот на болницата Влатко Захариев на Меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“. Захариев истакна дека во првите 60 до 70 минути во болницата пристигнале околу 40 пациенти со изгореници, по што итно бил мобилизиран персоналот. На повикот за помош, тој истакна дека се одзвале околу 90 до 100 вработени, меѓу кои лекари, медицински сестри, анестезиолози, фармацевти, болничари и друг персонал. Во првиот час, како што рече, биле формирани околу десет тимови кои што вршеле првична тријажа, поставување венска линија, инфузија, аналгетска и антибиотска терапија и преврска. Пациентите потоа биле подготвувани за транспорт во координација со другите здравствени установи. За околу 45 минути од првиот прием, Захариев посочи дека почнал транспортот кон терцијарното здравство во Скопје, истакнувајќи дека првично биле испраќани полесните пациенти, со цел скопските болници да не бидат веднаш изложени на целосниот удар, додека потешките и критични случаи биле стабилизирани и потоа етапно транспортирани. – Морам да се заблагодарам и на директорите на регионалните здравствени установи од целиот исток, сите се јавија, и несебично го упатија својот персонал во Клиничка болница Штип, а исто така и транспортните возила, брзата помош, беа најбрзо што можеа во болницата. Така, за околу 45 минути од првиот прием веќе почна транспортот кон вас, трициерно здравство и „Мајка Тереза“. Како што приметувавте, прво беа полесните пациенти, тоа беше наша одлука за да го спречиме тоа плато да не бидете вие директно на удар, туку прво да ги згрижиме полесните пациенти за потоа кога ќе ги стабилизираме потешките пациенти и критичните, да ви ги праќаме етапно за да може да ги згрижувате како што треба. Мислам дека и таа стратегија допринесе да немаме друг изгубен живот – истакна Захариев. Во штипската болница, до 8 часот, како што рече, биле евидентирани 49 болнички приеми на пациенти со средно тешка и тешка клиничка слика. До 15 часот во болницата останале околу 30 стабилизирани пациенти, а по натамошна координација со скопските клиники, до 22 часот повеќе немало повредени задржани во болницата. Захариев оцени дека добрата координација и тријажа придонеле да не се изгуби ниту еден дополнителен живот и изрази благодарност до директорите на регионалните здравствени установи од источниот дел на државата, кои, како што рече, несебично испратиле персонал и транспортни возила за помош.